Гордана Димитриеска – Кочоска е технички заменик-министер за финансии на предлог на ВМРО ДПМНЕ. Таа вели дека за неа е чест, но и голема одговорност во вакви тешки времиња за Република Македонија да се влијае на макроекономските текови.

Во интервју за НетПрес таа ја објаснува финансиската кондиција на земјава, како и состојбата во економијата, а одговара и на прашањата поврзани со тоа што економистите експерти како и бизнисмените ја оценија минатата година како лоша на економски план. Потоа за тоа што не се оствари планираниот раст, не се реализираа најавените странски инвестиции, се потфрли кај капиталните проекти… Со популистички мерки вештачки се креваше стандардот, (раст на плати и вработувања во администрација, повисоки панзии)… што треба само по себе да биде резултат на позитивни економски трендови.

 Каква е Вашата оценка за ланските економски состојби?

Имавме катастрофална економија со лоши резултати. Да почнам од последниот податок на Светска банка која во својaта глобална економска публикација јасно наведе дека Македонија во 2019 година ќе оствари раст од 3,1% што е под просекот на земјите од Западен балкан кој е 3,2%. Очекуваниот раст на Владата од 3,5% за оваа година очигледно нема да се оствари и ова е трета година по ред како имаме оптимизам само на зборови, но не и на дела.

Но, она што е позагрижувачко за мене е фактот дека бизнисот во Македонија тоне, а неликвидноста расте. Има сериозно неостварување на данокот на добивка, од 24,5% во однос на планот и 21,7% во однос на предминатата година. Ова е јасен сигнал дека расте притисокот врз бизнисот, кој е единствениот двигател на економијата.

Поразителен е податокот за пад на инвестициите во основни средства кај приватниот сектор за минус 3,3% во 2018, во однос на 2017 година, која се сметаше за најслаба економска година во поновата историја. Ова ја потврдува тезата дека бизнисот живее и се обидува да работи во економско нестабилни услови поради кои не гледа јасна иднина, не ѝ верува на Владата и не одлучува да инвестира во основни средства, кои пак се од витално значење, бидејќи тие го продолжуваат животниот век на компаниите, влијааат на зголемување на продуктивност, намалување на трошоци и слично.

Каде беа клучните грешки кои го ограничија развојот, дали политичките случувања беа главната сопирачка?

Нестабилното економско опкружување, пиши бриши економија, носење на закони без консултација со бизнис заедницата… На крајот повеќе од очигледно е дека бизнисот ја изгуби довербата во власта. Згора на сѐ, буџетските корисници не ги реализираа капиталните инвестиции според планот, што ѝ дава сигнал на економијата дека и самата власт не верува во напредок. Политички случувања имало и ќе има. И во многу држави во светот има различни афери, па економиите не се однесуваат вака. Ако има стабилна даночна политика, правен систем кој функционира, независно од политиката, ефикасно судство, може да има стагнации, ама не и вакви поразителни резултати, како што е случајот со добивките во бизнисот, падот на инвестициите и слично. Според мене, главната сопирачка е фактот дека институциите не функционираат.

Владата прогнозира за годинава раст од 3,8 отсто. Колку е тој реален и кои предуслови се неопходни, реформи, функционирање на правна држава, справување со криминал и корупција…?

За жал, јас повеќе верувам на прогнозите на Светска банка во моментов, а тие се далеку под нашите. Поголемиот раст треба да е резултат на условите во економијата кои ги создава државата, позитивна бизнис клима, ефикасна држава, судство и слично. Тоа во моментов го немаме.

На што годинава треба да му се даде приоритет?

Појдовна основа е да имаме сериозно висока стапка на реализација на капиталните инвестиции, бидејќи тие се во директна корелација со висината на БДП. Но, мора да се даде приоритет на инвестиции кои ќе имаат висока додадена вредност. Во економијата постои cost benefit анализа (колку добиваш за вложените средства) која мора да се направи за секој проект. Притоа логично е дека е во интерес на државата да финансира и проекти кои ќе имаат помала или никаква додадена вредност, но затоа има и најразлични комбинации на реализација, со цел максимална искористеност на буџетот, со најмали стапки на задолжување.

Од стартот на 2020 се стави во мирување прогресивниот данок, а се врати рамниот. Колкава штета на бизнисот лани му донесе прогресивниот данок?

Има огромни штети. Анализата на данокот на личен доход на плати и на други лични примања – доход од плата, покажа дека има зголемување за една милјарда денари. Значи бизнисот бил дополнително оптоварен за толку, бидејќи согласно законот, данокот на личен доход го плаќа исплатувачот, компанијата. Наместо да оставаме пари кај бизнисот и да го мотивираме тој да ги инвестира, ние му ги земаме. И да потенцирам, платата не е мерило за тоа кој е побогат, а кој посиромашен.

Какви ефекти можат да се очекуваат од намалувањето на персоналецот, од 15 проценти, за повисоките плати од 90.000 денари, на 10 проценти?

Намалувањето на персоналецот може само да даде позитивни резултати. Веќе кажав, колку повеќе пари се оставаат кај бизнисот, толку подобра бизнис клима има во државата. Колку повеќе правосудството функционира, толку е подобро. Во овој контекст е и прашањето, дали некој подобро знае да ги управува моите пари од мене? Се разбира дека не. Да му ги оставиме парите на бизнисот и да му создадеме услови за работа. Тој најдобро знае како да ги употреби.

На Македонија ѝ претстои изборна година и во фокусот повторно ќе биде политиката. Во каква позиција ќе се најде економијата ако се знае дека досега изборните години имаа негативен ефект и стопанството речиси замира во време на избори?

Несреќна околност за бизнисот е дека повторно имаме година на избори, но среќна околност е дека се тие на почетокот на годината. По 12 ти април, со доаѓање на ВМРО ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски, очекувам позитивен тренд и далеку подобри резултати. Ние сме подготвени да направиме позитивна бизнис клима, да разговараме со бизнис заедницата и да ги слушаме нивните проблеми.

Дали повторно ќе има инвестициска воздржаност и претпазливост и кај домашните и кај странските компании (нови и постојни)?

До одржување на изборите не очекувам некои позитивни трендови во делот на инвестициите, отворање на нови работни места и слично. За жал, праксата во изминатите 29 години покажа дека пред избори во целата држава има застој. Во моментот се така поставени работите, што бизнисот премногу зависи од политиката. Да појаснам, кога има пиши – бриши економски политики, секој ќе се плаши за својата иднина. Како држава досега не’ научивме дека има некои интереси кои треба да бидат надвор од политичките.

Што реално може да донесе на економски план полноправното членство во НАТО?

Нашиот народ е познат по една изрека: „секое чудо за три дена“. Мислам дека и влезот во НАТО ќе се сведе само на тоа. Инвеститорите не се водат само од фактот дека земјата е членка. Ако не се гарантира стабилна економија, ефикасно судство, постојани закони од областа на даноците и слично, зошто тој би инвестирал? Мора да разбереме дека на Запад бизнисмените размислуваат да го оплодат својот капитал и тоа им е единствената оправданост на инвестицијата. Секој сака да заработи. Факт е дека НАТО ќе гарантира политичка стабилност што ќе оди во прилог на заживување на економијата. Но, тоа е само еден сегмент.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.