Од болницата му кажале дека мајка му починала, па кочанчанецот Благојче Дончев почнал да организира погреб.
Се јавил на блиските роднини и погребен оператор, од каде закажале во црква и испечатиле некролози, но кога тој заедно со операторот дошол да го земе телото, открил дека мајка му е жива и лежи на Интерното одделение.
Неговата 58-годишна мајка има прележано два мозочни удари и откако повторно и се слошило пред два дена со Брза помош била однесена во кочанската болница. Вели дека оние што му ја соопштиле веста му рекле и кој погребен оператор да го повика, но тој ги одбил и се јавил на друг.
Сопствениците на фирмата за погребни услуги што ги повикал велат дека во оваа битка за починати се делат пари на вработени во болницата кои форсираат одредени оператори. За тоа повеќепати го известиле и раководството на болницата и полицијата.
Од кочанската болница велат дека знаат за случајот и по нивната интерна истрага повикана е полицијата, која започнала своја истрага за да утврди кој му се јавил на Дончев и му го превртел животот наопаку.
Во тек е истрага за случајот. Претпладнево вработени во болницата се повикани да дадат исказ во полициска станица. Истрагата треба да ги открие виновниците“, вели Александар Серафимов, директор на Општа болница – Кочани.
Дончев очекува разврска и казна за оние кои му ја кажале лажната вест. Тој поради пандемијата со коронавирус не може лично да ја види мајка си за да се увери во нејзината здравствена состојба, а сите информации ги добива преку нејзиниот матичен лекар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.