Во саботата вечерта се примени 10 – 12 пациенти со симптоми на дијареја и повраќање кои биле на свадба во Струга. Амбулантски се прегледани, а потоа се пуштени дома. Нема хоспитализирани и никој не беше во тешка состојба. Најверојатно дијареја и повраќање добиле од храната што ја јаделе на свадбата. По амбулантскиот преглед тие се пуштени дома- изјави за МИА директорот на струшката Општа болница, Мухамед Асани.
Од Центарот за јавно здравје во Охрид и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), информираат дека случајот кај нив не е пријавен. Од ДСЗИ посочуваат дека ќе испитаат под која дијагноза се запишани пациентите.
Директорот на Центарот за јавно здравје во Охрид, Сашо Точков во изјава за МИА рече дека случајот не е пријавен кај нив.
Прво треба да пристигне пријава до нас од болницата доколку се сомневаат дека се затруени од храна. Тие не ги испочитувале протоколите и не е воопшто испитано дали е труење со храна. Се знае, јасен е протоколот, си има постапка – директорот или тој што ги примил во кое било одделение во болницата ги испраќа до Инфективно одделение, а тоа доколку има индиции дека е труењето со храна или што било, испраќа пријава до Центарот за јавно здравје, кој оди на терен врши анкета со сите што се хоспитализирани, бараат инспекциски служби кои одат на терен да земат примероци и да извршат увид на самото место. Тоа воопшто не е направено, ниту кај нас е пристигната пријава. Очигледно директорот на болницата не ги знае протоколите или нешто друго е во позадина – додаде Точков.
Директорот на Државниот санитарен и здравствен инспекторат, Ирина Сотирова Бухова за МИА истакна дека кога институцијата се сомнева на труење со храна го известува обласниот Центар за јавно здравје.
Доколку почнува постапката епидемиолозите од Центарот за јавно здравје прават анкети и се што треба. Доколку имаат основано сомнение за труење, тогаш не известуваат нас и Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и се постапува на терен. Тоа е процедурата. Кога не е пријавено во Центарот за јавно здравје, ние не можеме да постапуваме, затоа што не знаеме каде. Од институцијата треба да ни се испрати допис дека кај не знам колку лица постои основен сомнеж за труење со храна, да не известат и тогаш ние заедно со АХВ и Центарот за јавно здравје одиме на терен – рече Сотирова Бухова.
Таа посочи дека можат да направат увид, да утврдат со која дијагноза се запишани примените во болницата, но тоа не ја менува постапката.
Сега зборувам претпоставки, зборувам описно, ако се запишани со гастритис нема да можеме ништо да направиме, затоа што без валидна пријава од Центарот за јавно здравје, ниту ние, ниту АХВ не може да постапува. Може да провериме како и под која дијагноза се запишани. Труењето го прогласува и за него известува Центарот за јавно здравје. Во болницата или во амбулантата во Струга ќе провериме за да видиме дали има основ за да кажеме дека некој го прекинал ланецот на информации или не – додаде за МИА Сотирова Бухова.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.