Во акцијата на Секторот за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, во соработка со Одделот за спречување на организиран и сериозен криминал и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, со поддршка на Американската служба за борба против дрога – ДЕА освен марихуана во комбе, спакувана во 40 картонски кутии, пронајдено е и оружје, пари, луксузни часовници.

МВР во денешното соопштение потврди дека меѓу уапсените е Александар Ушилковски, возачот на Трајче Заев, братучедот на Зоран Заев. Во станот на Ушилковски е пронајдено оружје.

При извршен претрес кај А.У. во стан во Скопје пронајдено е поголемо количество оружје, муниција, гранати, барут и делови за оружје, за што ќе му биде поднесена и кривична пријава за кривично дело по член 396 од Кривичниот законик, а при претрес извршен во стан во Битола, кај него се пронајдени 13.600 евра и 50 илјади денари, колекција луксузни часовници, како и документација за фабрики за производство на марихуана во медицински цели.

При претрес кај М.З. во Куманово, пронајдени се два пиштола и куршуми, а поголема количина парични средства се пронајдени и при претрес кај К.С. во Прилеп, полициски службеник.

При претресот кај Д.Ј. од Струмица пронајдени и одземени се мобилни телефони и сим картички, парични средства, а при негов личен претрес е пронајдена марихуана. Претрес бил извршен и кај М.С. во Битола, при што биле пронајдени парични средства и обоени банкноти од евра кои потекнуваат од кражба на банкомат.

Денеска ОВР Кавадарци до Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Скопје поднесе кривична пријава за организирана криминална група, и тоа против Д.Ј.(35) од Струмица, А.У.(45) од Скопје. М.З.(29) од Куманово, М.С.(36) од Битола, К.С.(46) од Прилеп, Г.К.(25) од Скопје, поради постоење основи на сомневање дека го сториле кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори”, предвидено и казниво по чл. 215 ст.3 од Кривичниот законик .

Ова следеше откако Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога оружје и опасни материи, во соработка со Одделот за спречување на организиран и сериозен криминал и Специјалната антитерористичка единица „Тигар“, со поддршка на Американската служба за борба против дрога – ДЕА спроведоа повеќемесечна истрага, во координација и по насоки на Јавен обвинител од ОЈОГОКК.

Вчера во акцијата на патниот правец Прилеп – Росоман, во близина на село Раец биле запрени патничко возило „ауди А8“, со скопски регистарски ознаки, во кое биле пријавените К.С. и М.З. Веднаш потоа било запрено патничко возило „дачија дастер“, со скопски регистраски ознаки, управувано од А.У, каде како сопатник бил Г.К., а зад нив и товарно возило „комбе“, во кое се наоѓала поголема количина дрога, спакувана во 40 картонски кутии во кои имало 400 полиетиленски пакувања со дрога



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.