Царинската управа на Република Македонија на граничните премини Табановце со соседна Србија и Богородица со соседна Грција спречи обиди за нелегален внес на цигари и тутун во лист наменети за нелегална продажба на македонскиот пазар. На граничниот премин Табановце на влез од Република Србија се запленети 16,5 тони цигари, а на граничниот премин Богородица, на влез од Грција – 13 тони тутун во лист.

На граничниот премин Табановце, на ден 28.05.2019 година, во контрола на товарно моторно возило е утврдено дека истото содржи 1.000 пакети со нелегални цигари, со вкупна тежина од 15.000 килограми. Во секој пакет има спакувано по 50 штеки или вкупно 10 милиони парчиња цигари.

На истиот граничен премин, на 24.05.2019 година е откриено и комбе со 102 пакети со цигари, со тежина од околу 1.500 килограми или вкупно 1 милион парчиња цигари. Станува збор за цигари со кинеска марка на цигари, ASHIMA LUXORY SIZE и MARBLE DE LUXE, информираат од Царинската управа.

(Фото – Царинска управа на РМ)

Царинските служби на влез на граничниот премин Богородица, на 16.06.2019, околу 18 часот, заплениле товарно моторно возило во кое се откриени 130 пакети со 13.000 кг. нето тежина, а
бруто тежината е 14.300 со тутун во лист. Истото имало пријавено дека пренесува хартија за виткање тутун, но при направената проверка било утврдено дека возилото е натоварени со тутун во лист.

Запленетиот тутун бил наменет за нелегална продажба како режан тутун на домашниот пазар. Против сторителите се поднесени соодветни кривични пријави. Доколку цигарите, односно тутунот се најдеа на домашниот пазар, со оглед дека станува збор за акцизни добра, државниот буџет ќе беше оштетен за околу 1 милион евра, соопштуваат од Царината.

Поради огромните штети од нелегалната продажба на овие царински добра, Царинската управа во координација со други надлежни државни институции спроведува постојани акции за сузбивање нелегална продажба на тутун и тутунски производи.

(Фото – Царинска управа на РМ)


Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.