Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Ресен, во текот на вчерашниот ден, постапувајќи по поднесените кривични пријави против две лица од страна на Министерството за внатрешни работи, достави предлози за издавање на казнен налог за двете лица, инфомираат од Јавното обвинителство.

Обвинетите во овој случај се товарат дека сториле кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

– Обвинетата која на 17.03.2020 година се вратила од Словенија – земја со среден ризик на зараза утврдена на листата на Светската здравствена организација, на граничниот премин Табановце примила писмена наредба и потпишала изјава со која се обврзува дека во наредните 14 дена ќе спроведе самоизолација во својот дом во Ресен. Наместо да постапи според прописите и да се упати кон својот дом, таа заминала во Кичево во домот на својата другарка, откако телефонски била контактирана од страна на полициски службеници од ОВР Ресен пристигнала во својот дом. Со своите дејствија го сторила кривичното дело за кое се товари, велат од Јавното обвинителство.

Обвинителството наведува дека му предложило на Судот на обвинетата да и биде изречена парична казна во висина од 100 дневни глоби, при што вредноста на дневната глоба да се определи во висина од по 20 евра во денарска против вредност.

Исто така од Јавното обвинителство, информираат дека на 18.03.2020 година, обвинет со умисла не постапил според писмената наредба на министерот за здравство со која се определуваат мерки за спречување или сузбивање на опасна заразна болест – коронавирус Ковид-19.

– Тој на 16.03.2020 година пристигнал од Холандија – земја со висок ризик на зараза утврдена на листата на Светската здравствена организација и на , на граничниот премин Табановце примил писмена наредба и потпишал изјава со која се обврзува дека во наредните 14 дена ќе спроведе самоизолација во својот дом во село Стење, ресенско. На 18.03.2020 година при извршени две проверки од страна на полициски службеници обвинетиот не бил пронајден во неговиот дом со што го сторил делото што му се става на товар, истакнуваат од Обвинителство.

Обвинителството до надлежниот суд во Ресен поднесе предлог на обвинетиот да му биде изречена парична казна во висина од 100 дневни глоби, при што вредноста на дневната глоба да се определи во висина од по 30 евра во денарска против вредност.​



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.