Полициската акција што беше спроведена е исклучително професионална и успешна на ниво на стандарди на најсовремени демократски држави во светот. Апсолутно осмислена, организирана, комплетно по сите професионални стандарди. Да се бара оставка за успешно спроведена акција, ниту имам право, ниту сакам да размислувам, освен да поттикнам професионалност во спроведувањето на законите и законот да важи еднакво за сите без разлика кој на кого е близок, без разлика кој во кои социјални слоеви во општеството припаѓа или во кои институции работи или не работи. Само така ќе ја враќаме довербата кон институциите.
Ова е одговорот и пораката од премиерот Зоран Заев на прашањето од пратеникот од ВМРО – ДПМНЕ Петар Ристески во врска со одговорноста на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во однос на полициската акција заедно со американската ДЕА во која кај Плетвар беше запленета поголема количина дрога.
– Во Македонија МВР ги води акциите, нагласи меѓу другото Заев.
Позитивните промени што се случуваат последните години во нашата земја, наведе тој, се нешто што ви пречи затоа што законот важи еднакво за сите, никој не е заштитен, секој одговара.,законот е нешто за кое целиот народ се залага, а претставува европска и демократска вредност, а за жал го немавме видено 11 години ваше владеење.
– Денес можеме да докажеме и покажеме дека истражните органи постапуваат неселективно, без разлика дали некој е близок до власта или до опозицијата или нема никакви предиспозиции политички, ако се огреши пред законот одговара. Секој е невин додека не се докаже вината, но секој е еднаков пред законот и никој не е заштитен од одговорност. Командирот на полициската станица го бира Советот на Општината, истовремено ако тој посегнал кон незаконско дејствие апсолутно треба да одговара, рече премиерот Заев.
Премиерот Заев се осврна и на дружбата на пратеникот Ристески, со како што рече, полициски службеник кој бил санкциониран конзумент на кокаин, а кој веројатно под дејство на опојни дроги јавно тепал лекар во Прилеп, без да преземе одговорност за време на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев.
Во македонскиот Парламент, потенцира Заев, пратениците треба да се залагаат да прават позитивен притисок за спроведување на правдата и владеењето на правото и еднаквоста на законите за сите.
– Тоа денес се случува насекаде во државата и тоа ќе е така и никако поинаку. Само на тој начин ќе ја враќаме довербата во правниот систем и во севкупната правда. Затоа има голема разлика и треба да ја потенцираме. Беа мисловни именки да има истрага против високи функционери од власта, денеска тоа е наше секојдневие. Транспарентноста е комплетна и граѓаните знаат се за неколку минути за спровеудвањето на акциите. Таа транспарентност е гаранција за будното око на институциите без разлика дали се под извршната, парламентарната или под судската власт, појасни премиерот Заев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.