Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлог за издавање казнен налог против две лица за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Обвинетите постапиле спротивно на Одлуката за забрана на одржување и собирање на масовни собири и настани на отворен и затворен простор од секаков вид, со која се опфатени и јавни и приватни собири. Тие за верскиот празник Курбан Бајрам, во дворно место од семејна куќа, организирале семејна веселба на која биле присутни од 60 до 80 гости. За обвинетите, надлежниот јавен обвинител предложи парични казни од по 100 дневни глоби со поединечна вредност на дневната глоба од 25 евра во денарска противвредност, наведено е во соопштението.

Против две други лица, пак, од кои едното е косовски државјанин, Основното јавно обвинителство Скопје поднело Обвинителен предлог за кривично дело – Непостапување според здравствените прописи за време на епидемија од член 206 став 1 од Кривичниот законик.

Спротивно на Одлуката и протоколите за отворање на угостителските објекти за исхрана, со кои се забранува организирање прослави во отворениот и затворениот дел од објектот, тие организирале прослава по повод веридбата на синот на еден од обвинетите во угостителскиот објект во сопственост на другиот обвинет. На прославата присуствувале околу 15 гости

Против 18 лица, пак, Основното јавно обвинителство Скопје поднесе предлози за издавање казнени налози поради непочитување на Одлуката за забрана и посебен режим за движење. Имено, за време на тогаш важечкиот полициски час, лицата без дозвола се движеле на различни локации во градот. За овие обвинети до надлежниот Основен кривичен суд Скопје предложени се парични казни од 100 дневни глоби со поединечна вредност од 20 евра во денарска противвредност, се вели во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.