Жртва на семејно насилство, заедно со нејзините две малолетни деца на возраст од 5 и 7-годишна возраст во август 2019 година во канцеларијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права побарала помош поради долгогодишното физичко и психичко семејно насилство, што го трпела од страна на нејзиниот вонбрачен партнер.

Насилството многу често се случувало и пред очите на децата. Тој ја влечел за коса, ја удирал, а некогаш тоа се случувало и на јавен простор, пред очите на други луѓе.

Една година пред да се обрати до Комитетот, таа претрпела сериозно физичко насилство од страна на вонбрачниот партнер, со кого живеела во заеднички дом. Поради претрпените повреди таа била хоспитализирана, а социјални работници од надлежниот Центар за социјална работа веднаш излегле на терен во здравствената установа и земале пријава за сторено семејно насилство.

Во меѓувреме, поради лоша финансиска состојба жртвата заминала да работи во странство на неколку месеци. Ја повлекла пријавата за сторено семејно насилство. Ја запрела постапката против насилникот, надевајќи се дека нејзиниот поранешен партнер нема повеќе да го повтори насилството. Додека била отсутна, родителите на жртвата ги чувале и се грижеле за малолетните деца.

Жртвата се враќа дома, кога повторно почнува да се соочува со низа проблеми кои ѝ ги предизвикува нејзиниот поранешен партнер. Тој не обезбедувал финансиска поддршка за нивните деца, а откако ќе ги земел кај него, не ги враќал по неколку дена. Кратко потоа, нејзиниот поранешен партнер повторно почнува да ја вознемирува, да ѝ телефонира, да доаѓа во нејзиниот дом и физички да ја малтретира. Една вечер кога насилникот дошол во нејзиниот дом, ситуацијата ескалирала кога жртвата се обидела случајот да го пријави во полиција, а нејзиниот поранешен партнер ѝ го скршил телефонот. По овие случувања, таа побара правна помош од Хелсиншкиот комитет. Комитетот ја придружуваше жртвата пред надлежниот Центар за социјална работа за да го пријави насилството, ја советуваше, ѝ помогна да поднесе барање до Центарот за вонбрачно доверување на малолетните деца на чување, грижа и воспитување кај неа – наведува извршната директорка на Хелсиншкиот комитет, Уранија Пировска.

По барањето, Центарот донел решение со кое старателството врз малолетните деца се доверува на мајката. Таткото на малолетните деца и натаму не обезбедувал никаква финансиска поддршка за чување и грижа на децата, а мајката како невработено лице не можела да ги подмири сите секојдневни трошоци.

Комитетот поднел барање за одобрување на секундарна правна помош до надлежното подрачно одделение на Министерството за правда за ангажирање адвокат кој ќе ја застапува жртвата во судска постапка со цел определување на износот на издршка кој треба таткото да го плаќа на децата.

Министерството за правда го одобрило барањето и ѝ доделило бесплатен адвокат на жртвата.

Жртвата повеќе не трпи никакви форми на психичко или физичко семејно насилство од страна на нејзиниот поранешен вонбрачен партнер, кој сега има и обврска да плаќа издршка за малолетните деца која му е определена од страна на судот – велат од Хелсиншки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.