Четириест и шестгодишен велешанец е тешко повреден во сообраќајна незгода што се случила на патниот премин на пругата помеѓу железничките станици Велес и Чашка кај велешкото село Горно Оризари. Сударот се случил меѓу патничко возило „Ситроен Берлинго“, со велешки регистарски ознаки, што тој го управувал и товарен воз што сообраќал на релација Прилеп-Трубарево.
Според СВР Велес, случајот бил пријавен во полиција вчера попладне во 16:30 часот, по што местото на незгодата бил извршен увид од увидна полициска екипа.
Како што информира за МИА, д-р Елеонора Јованова, портпарол на ЈЗУ Општа болница Велес, во 17 часот во Ургентниот центар на велешката болница бил донесен повредениот Е.П., кај кого биле констатирани тешки телесни повреди – фрактура на рбетот во пределот на вратот.
Поради тежината и сериозноста на повредите со возило на итна помош итно тој бил препратен на понатамошно лекување на Клиниката за Неврохирургија при Клиниката „Мајка Тереза“ во Скопје.
Од Железничката станица во Велес велат дека на овој премин има прегледност и предупредување со знаците андреев крст и стоп. Сепак, велат дека поставувањето на автоматска рампа или светлосна сигнализација треба да го иницираат жителите од Горно Оризари во соработка и со средства од локалната власт, со барање доставено до ЈП „Македонски железници“ истите да биде поставени во интерес на безбедноста на возачите и сите кои преминуваат на овој железнички премин.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.