Дваесет и петгодишно било момчето што загина денеска во пожарот што избувна на улицата „Јордан Мијалков“ во Скопје. Во несреќата се повредени и три лица на возраст од 27, 33 и 38 години. Еден од повредените е и сопственикот на сервисот за мопеди.

Починатото лице е мажот кој во моментот кога избил пожарот, остана заробено во продавницата за гуми. И покрај обидите да го извлечат, пожарникарите не успеале во тоа.

Неофицијално, „Плусинфо“ дознава дека причината за пожарот се две боци до гас кои најверојатно, биле користени за греење. Пожарот настанал откако експлодирала една боца.

Доктор Шпреса Хасани, советник за примарна здравствена заштита при Здравствен дом Скопје за Плусинфо изјави дека еден од повредените се здобил со полесен степен на изгореници и одбил медицинска помош, а другите двајца биле во добра состојба.

Командирот на противпожарната бригада на Град Скопје, Звонко Томевски за „Алфа“ изјави дека интервенирале со 8 возила и 22 пожарникари. Постоела опасност истиот да се прошири и во околните објекти.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.