Во случајот познат во јавноста под називот „Моќник“, по истакнати приговори на одбраната, судот донесе одлука снимките од нелегално прислушуваните разговори да не се изведуваат како докази во постапката, односно да бидат издвоени од доказниот материјал, соопштува адвокатот Петро Јанура, додавајќи дека формално решение сѐ уште не е изготвено или доставено, пренесува Академик.мк.
Ваквата одлука на судот, нагласува адвокатот, е за поздравување бидејќи е првенствено во интерес на заштита на правата на поединецот на приватен живот, домот и преписката.
Исто така, ваквата одлука е и во насока на примена на новиот Закон за јавно обвинителство во согласност со кој материјалите и транскриптите од материјалите од незаконски прислушуваните материјали за предметите покренати по 30 јуни 2017 година можат да се користат само како индиции и на нив не може да се заснова обвинителен акт или обвинителен предлог и не можат да бидат предложени и употребени како доказ во постапката по поднесениот обвинителен акт или обвинителен предлог.
„Во случајот ‘Моќник‘ бранител сум на двајца обвинети кои се поранешни членови на Комисијата за лустрација, инаку по професија престижни историчари и универзитетски професори, кои уживаат голем углед во заедницата.
Во истиот предмет е обвинет и пратеникот Антонијо Милошоски, кој во врска со истиот предмет го застапувам пред Уставниот суд, како и пред Европскиот суд за човекови права. Постапката пред Уставниот суд е поведена за заштита на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот, односно слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, слободата на политичко дејствување и правото на недискриминација, односно забраната за дискриминација по основ на политичка припадност и политичко уверување. Имено, со поведувањето на случајот ‘Моќник’, далеку од исполнувањето на каков било степен на ‘разумно сомневање‘, се попречува Антонио Милошоски да ги исполнува своите права и обврски како претставник на граѓаните во Парламентот. Отсуството на докази и факти нѐ доведува до заклучок дека станува збор за политички монтиран случај, направен со цел да се дискредитира популарен политичар од опозицијата, како и да се дискредитира работата на членовите на Комисијата за лустрација“, додава адвокатот.
„Без разлика што судот донесе процесна одлука ‘снимките‘ да бидат издвоени од доказниот материјал, што е за поздрав, мојата позиција како бранител во предметот е дека и со снимки и без снимки релевантни докази и факти нема, односно теоријата на случај на поднесеното обвинение е во целост погрешна“, истакнува адвокатот во јавното соопштение.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.