Како резултат на извонредната соработка помеѓу МВР и германската полиција на 29 ноември годинава во Хамбург е уапсен Р.Б. (37) по кој трага нашата држава со 11 национални и една меѓународна потерници, соопшти денеска Министерството за внатрешни работи.

Р.Б. е сторител на повеќе кривични дела поврзани со измами, фалсификување и телесни повреди сторени на територија на нашата држава и е едно од најбараните лица по кои трага полицијата. За него се донесени повеќе пресуди од нашите судови, со вкупно изречена казна затвор од 32 години и пет месеци.

Со интензивна комуникација помеѓу Отсекот за меѓународни потраги по лица при Секторот за меѓународна полициска соработка со германскиот полициски офицер за врска, ИНТЕРПОЛ Визбаден, Германија, како и директен контакт со ФАСТ единицата во Хамбург (Fugitive Active Search Team – Единица која активно трага по најбраните криминалци), Германија, за два месеца лицето е лоцирано и лишено од слобода во Германија, информира МВР.

Ова е втор случај на директна комуникација во последниве неколку месеци со полицијата од Хамбург, односно со ФАСТ единицата, по оној во август 2019, кога во соработка со Единицата за недозволена трговија со дрога при Одделот за сузбивање организиран и сериозен криминал, со интензивна размена на информации преку германскиот полициски офицер за врска за германски државјанин, за кого имаше активна меѓународна потерница поради сомнение за недозволена трговија на 700 килограми кокаин во Германија, беше лишен од слобода во Македонија.

Покрај ова, како резултат на продлабочената соработка меѓу Министерството за внатрешни работи и германската полиција за неколку месеци се лишени од слобода околу 30-тина лица по кои трага нашата држава со меѓународни потерници, осомничени за различни кривични дела, со цел екстрадиција кон земјава, наведува МВР.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.