Република Македонија доживува крах на сите полиња. Неуспехот на Владата на СДСМ кулминира со недобивањето на датумот за преговори, кој Зоран Заев го прославуваше уште лани. СДСМ и Зоран Заев во очај продолжуваат да ја покриваат неспособноста со политички прогон, селективна правда и демонстрирање сила кон сите политички противници, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на обвинение против ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, експретседателот на Собрание Трајко Вељаноски, ексминистерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски и поранешниот директор на УБК Владимир Атанасовски осомничени дека се организатори на упадот во Собранието на 27 април 2017 година.

Според партијата, поведеното обвинение за случајот со собраниските настани од 27 април е целосно неосновано, правно неиздржано и класична монтирана нарачка од Зоран Заев, со што треба да се направи дефокус од неуспесите и коруптивните скандали на Владата.

Зоран Заев е свесен дека државата тоне и владиниот криминал се покрива преку монтирани политички случаи, каде што се гонат членови на ВМРО-ДПМНЕ. СДСМ и Заев се свесни за крајот на нивните политички кариери. СДСМ и Заев еден ден ќе одговараат за политичкиот прогон што го прават, се додава во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.