Случувањата во тетовско околу почеток на изградба на водовод ќе ги испитува и Јавното обвинителство на Република Македонија (ЈОРСМ). Оттаму попладнево информираат дека Вишото јавно обвинителство ќе го испитува предметот, како и постапувањето на тетовската обвинителка Лејла Кадриу.

Поради различните информации во медиумите и на социјалните мрежи за учеството на јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово Лејла Кадриу на место на кое се изведувале работи на водовод во тетовско и повеќе нејаснотии во нејзиното постапување Јавниот обвинител на Република Македонија денеска писмено побара од Вишото јавно обвинителство Гостивар да изврши увид во предметот, врз основа на член 27 став 5 и член 28 став 1 од Законот за јавно обвинителство, се вели во соопштението.

По извршениот увид, Вишото јавно обвинителство Гостивар треба веднаш да достави информации, а по приемот и анализата на добиената информација, Јавниот обвинител на Република Македонија ќе донесе соодветна одлука, посочуваат од ЈОРСМ.

Треба да се направи увид за кое кривично дело и спрема кои сторители во конкретниот случај се води предистражна или истражна постапка, врз основа на кои основи на сомневање е поведена постапката и какви сознанија и докази му се презентирани на јавниот обвинител за отворање на предметот, како е доделен предметот во работа на обвинителот, кога и какви дејствија тој презел и какви наредби издал. Вишите јавни обвинители треба да проверат и дали, согласно законот и согласно Задолжителното упатство, за конкретните дејствија требало увид на лице место и особено дали е изготвен записник за увид, дали обвинителот го презел раководењето со постапката согласно член 41 од Законот за кривична постапка и дали за тоа ја известил полицијата, дали некои од дејствијата се преземени спротивно на функцијата јавен обвинител, како и други релевантни околности во конкретниот настан, посочуваaт од ЈОРСМ.

Неколку дена по ред општина Боговиње се обидува да започне да гради водовод за селото Синичане од изворот во месноста Буновец. Мештаните од селото Урвич не дозволуваат да се користи тој извор затоа што е во нивни атар, а посочуваат дека општината има само одлука на Совет без соодветни дозволи од надлежните министерства. Мештаните од двете села се обидуваат да сигнат до месноста Буновец, но полициски специјалци се на терен, со цел да не се дозволи нарушување на јавниот ред и мир. Портпаролот на МВР, Ангеловски информираше и дека до Обвинителството во Тетово е поднесено известување за сомнение за сторено кривично дело бесправно градење.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.