Стилистот Сергеј Варошлија на денешното сведочење на рочиштето за случајот “Рекет”посочи дека со Бојан Јовановски се познавале 15-на години, и многу се дружеле. Според сведочењето на стилистот Јовановски бил близок многу со својата баба Евгенија која му оставила материјални добра на својот внук Јовановски за да го обезбеди.

Тој раскажа и дека Јовановски бил многу модно освестен, и им бил многу интересен на многу модни дизајнери, кои го повикувале на модни ревии и му подарувале парчиња брендирана облека.

На прашањето на адвокатот Сашко Дуковски, дали ги познава Ана Камчева и Зоран Милевски Кичеец, тој рече:

-Ана Камчева ми е позната бидејќи ми била клиентка, а Зоран Милевски го знам од град, а подобро од 2018 година кога почна интензивно да доаѓа во 1ТВ и интензивно се дружевме. Речиси секој ден доаѓаше во телевизијата, а и во домот на Јовановски. Одевме на ручеци, вечери…, рече Варошлија.

Тој посочи дека еднаш Камчева и Милевски дошле заедно во телевизијата, а еднаш се разминале во домот на Јовановски.

-Се сретнавме на врата во домот на Јовановски, јас излегував, а тие влегуваа. Во рацете не носеа ништо, рече Варошлија, одговарајќи на прашањето на адвокатот Дуковски дали во рацете носеле некаков несесер или ташна.

Беше споменат и родененот на Кичеец во кафуле. Наводно истиот требало да биде прославен во домот на Орце Камчев, но Јовановски не сакал да оди таму. Варошлија тврди дека никогаш не ја видел Катица Јанева.

Се пожали дека му е запленета брендирана облека при претресот на возилото дента кога беше уапсен Боки 13. При претресот се што било брендирано било одземено состав дека тоа е на Бојан Јовановски.

-Многу убаво го паметам тој ден. Јас, Анета Кочишки и Лила Филиповска отидовме во неговиот дом, требаше да одиме на одмор. Тргнавме нормално, застанувавме по пат, а кога стасавме на граница, на пасошка контрола, Бојан го тргнаа на страна. Рекоа дека ние можеме да си одиме, а тој мора да остане таму. При претресот беа одземени и мои работи, некои чевли и чанти, бидејќи мислеа дека се што е брендирано е на Бојан, рече Варошлија.

Тој рече дека одморот бил планиран уште од пролетта, и дека Бојан не планирал да бега.

-Секој сам си го плати својот дел од одморот, рече Варошлија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.