Основното јавно обвинителство Битола, по спровредената претходна постапка, а пред поднесување на обвинителен предлог постигна спогодба со трите осомничени лица – двајца специјалисти гинеколози од Одделот за гинекологија и акушерство во ЈЗУ Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски” – Битола и странска државјанка која без соодветна лиценца за работа од лекарската комора во земјата, правела царски рез во Клиничката болница во Битола на 1.1.2021 година.
Во текот на постапката од прибраните докази се утврди дека првоосомничениот специјалист по гинекологија и акушерство на 1.1.2021 година, околу 9:00 часот, како службено лице кое врши работи од јавен интерес – службена должност ги пречекорил границите на своето службено овластување на начин што ја повикал и и дозволил на својата сопруга – третоосомничената, доктор на медицина, странски државјанин која не исполнува услови за вршење на здравствена дејност согласно одредбите на Законот за здравствена заштита, односно нема стекнато лиценца за работа на здравственик работник со високо образование издадена од Лекарската комора на РСМ, да врши здравствени услуги. Второосомничениот специјалист по гинекологија и акушерство, како службено лице кое врши работи од јавен интерес, не ја извршил својата службена должност на начин што и дозволил на третоосомничената да врши здравствени услуги. Со ваквите дејствија двајцата осомничени и прибавиле корист на третоосомничената изразена во право истата да учествува како оператор при породување со царски рез на пациентка.
Третоосомничената не постапила според прописите и наредбите со кои се определуваат мерки за сузбивање или спречување на опасна заразна болест COVID 19 со кои била воведена забрана за движење и посета на болниците за неовластени лица. На обвинетата и биле познати предметните прописи и наредби, но сепак дошла на Одделот за гинекологија и акушерство во ЈЗУ Клиничката болница „Д-р Трифун Пановски” – Битола, извршила соодветна подготовка, влегла во операциона сала и учестувала како оператор при породување со царски рез на пациентка.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.