Кражба во едно од најобезбедените места во земјава. Од кругот на Генералштабот и Министерството за одбрана исчезнале војнички униформи, како и други делови од облека.
Инцидентот се случил ноќта меѓу 29-ти и 30-ти јуни во еден од магацините на Армијата.
Кражбата за Сител телевизија ја потврдија и од Генералштабот на АРМ без да го потврдат точниот број на украдени униформи. Неофицијално станува збор за 35 украдени комплети.
Одговорниот за магацините утрото на 30-ти јуни забележал дека се случила кражба и веднаш постапил по утврдената процедура. Известена е Воената полиција која го води случајот и не можеме да кажеме дали имаме осомничени, велат од највисоката армиска институција.
Засега не е познато дали кражбата е извршена или потпомогната од вработени во кругот на Генералштабот и Министерството. Магацинот се наоѓа во близина на цивилни објекти, од каде можел да дојде и непознатиот натрапник.
Засега не се знае колкава е проценетата штета, а украдените униформи се дел од над 9-те илјади нови комплети, кои Армијата ги набави само неколку дена пред кражбата.
Се претпоставува дека можниот мотив би бил нивна препродажба, бидејќи оваа опрема често е предмет на интерес кај воените ентузијасти. Случајот е пријавен во МВР, кои во соработка со Воената полиција работат на расчистување на случајот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.