Демонтиран и украден бил дел од фонтаната на плоштадот Магнолија во Битола, информираат од Општина Битола.

Во текот на вчерашниот ден, во раните утрински часови во битолската полиција било пријавено дека три малолетни лица оштетуваат дел од фонтаната на плоштадот Магнолија. По брзата реакција на полицијата, сторителите избегале од местото во различни правци. Од страна на припадниците на полицијата во близина на фонтаната, во паркот кај Градскиот часовник, е пронајдена едната украдена бакарна лента од бордурата на штитот на фонтаната во должина од четири метри, велат оттаму.

Општината апелира да не се оштетуваат јавните придобивки кои им служат на сите граѓани, а истовремено претставуваат слика и белег на Битола за секојдневните посетители.

Ги поздравуваме пријавителите на вакви настани и ги охрабруваме истото да го прават и во иднина, со што би се спречиле или намалиле штетите од ваквите девијантни појави на несовесните граѓани. Голема благодарност и до припадниците на СВР Битола, кои веднаш реагирале и не дозволиле штетата да биде уште поголема, како и за постојаната взаемна соработка со цел да се сочуваат јавните добра и придобивки за сите граѓани, велат оттаму.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.