Надлежен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донело Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за убиство на Пинета Секондо, кој од декември минатата година е пријавен за исчезнат. Јавниот обвинител побарал притвор против осомниченото лице.

Осомничениот, 27-годишен жител на Скопје, делото убиство од член 123 став 1 од Кривичниот законик го сторил на 11 декември 2018 година, околу 2 часот, откако претходно се сретнал со сега починатиот. Тие заедно со патничко моторно возило „опел аскона” пристигнале во атарот на село Арачиново во Скопје. Осомничениот извадил огнено оружје – пушка и го застрелал оштетениот во пределот на главата. Од нанесените повреди Секондо веднаш починал.  По стореното дело, во обид да се скријат трагите, телото на починатиот било пренесено во село Љуботен, каде е оставено во дупка и покриено со ќебе. Осомничениот се дал во бегство и во моментов е недостапен за органите на прогонот.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување на мерката притвор против осомничениот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.