Триесет и петгодишната жена чие дете утрово го загуби животот во пожар во стан на улица „Кеј Вардар“ во Гостивар, е лишена од слобода, информираат од СВР Тетово.

Од таму наведуваат дека С. Т. од Ресен веднаш по лишувањето од слобода откако ѝ е пружена медицинска помош, околу пладне задржана е во полициска станица Гостивар, под соменение дека сторила кривично дело „повреда на семејни обврски“ (член 203 став 2 од КЗ).

Таму таа најверојатно ќе биде задржана до утре за расвелтување на поединости околу настанот, по што се очекува да биде изведена пред судија на претходна постапка во Основниот суд Гостивар.

Претходно Јавното обвинителство соопшти дека првичните сознанија на лекарскиот тим на лице место упатиле на тоа дека детето за време на пожарот било врзано со ланец на нозете.

Според исказот на семејството, причина за врзувањето било што детето било агресивно. Обвинителството ги презема сите дејствија за утврдување на евентуална кривична одговорност, се наведува во соопштението.​

Од МВР соопштија дека телото на загинатото дете е предадено во Судска медицина за обдукција.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.