По речиси два дена бегство, полициски службеници од ОВР Гостивар го обезбедија и приведоа Б. И (67) осомничен за убиството. Според полициски извори, тој бил фатен во близина на локален пат помеѓу селата Страјане и Трново попладнево. Со потрагата ставен е крај на неизвесноста околу крајниот исход на драматичниот настан кој започна вчера од рано утрото.

Попладнево со лишувањето од слобода Б. И ќе биде задржан во полициска станица Гостивар. По сослушувањето ќе биде предаден на судија на претходна постапка со соодветен поднесок, најверојатно кривична пријава за убиство, велат од МВР.

Гостиварецот, непосредно по откривањето на телото на неговата сопруга исчезнал и според пријавата бил единствен осомничен за убиството.

Настанот ја вознемири гостиварската јавност, најмногу поради жестокоста и начинот на кој е извршено убиството. Според ОЈО шеесетгодишната Џ.И. била најдена мртва во соба од семејната куќа со повеќе рани нанесени со секира и нож.

Според првичните информации, до трагедијата дошло по настаната расправија поради нарушени меѓусебни односи.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.