Основното јавно обвинителство отвори постапка против четири лица за загрозување на сигурноста на полициски службеници, во врска со настанот што се случи на 30 ноември околу 11 часот во хотелот „Александар Палас“ во Скопје. Тројца од пријавените се лишени од слобода, а по четвртиот сè уште се трага.
Постапката е отворен по поднесена кривична пријава од СВР Скопје за кривично дело – Загрозување на сигурноста од чл.144 ст.3 од Кривичниот законик.
Пријавените, како што информираат од ОЈО, ја загрозиле сигурноста на 11 службени лица – полициски службеници кои вршеле службено дејствие – легитимирање, на начин што упатиле сериозна закана дека ќе нападнат врз животот на полициските службеници.
Во поглед на кривично-правниот настан кој следел во хотелот неколку часа по сега пријавеното кривично дело, од страна на Министерството за внатрешни работи се уште не е утврден идентитетот на сторителите кои со огнено оружје пукале кон сега пријавените лица, се вели во соопштението.
Заради обезбедување на присуството на осомничените во текот на кривичната постапка, јавниот обвинител до Судот поднел и предлог за определување на мерки за претпазливост за четворицата осомничени и тоа забрана за напуштање на живеалиште/престојувалиште, привремено одземање на патна исправа и забрана за издавање нова, обврска повремено да се јавуваат кај определено службено лице, како и забрана за приближување и за воспоставување комуникација со оштетените.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.