Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против три лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело – Насилство од чл. 386 ст. 6 во врска со ст. 3 и во врска со ст. 1 од Кривичниот законик.

Тројцата се осомничени дека завчера, на паркинг позади маркет во Чаир, извршиле грубо насилство со кое предизвикале тешка телесна повреда кај едно оштетено лице, а во јавноста предизвикале чувство на несигурност и страв. Осомничените му се приближиле на оштетениот и го нападнале удирајќи го со тупаници по лицето и телото. Непознато машко лице, кое било заедно со нив, извадило огнено оружје и со него испукало два куршуми. Притоа го погодил оштетениот во десната потколеница и му нанел тешка телесна повреда.

Тројцата осомничени се лишени од слобода и ќе бидат изведени пред судија на претходна постапка, а непознатото лице инволвирано во настанот е во бегство.

Надлежен јавен обвинител, ценејќи дека се исполнети законските основи, до судија на претходна постапка достави и Предлог за определување мерки на претпазливост за осомничените – забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавуваат повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган, привремено одземање на патните исправи, како и забрана да му се приближуваат на оштетениот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.