Втора вечер по ред тетовските полицајци бележат случај на приведување на одговорни лица од угостителски објекти поради непочитување на мерките во време на епидемија.

Последниот случај се случил вчера околу 21.45 часот, кога полициски службеници на СВР Тетово го привеле Ф.И.(33) од Шипковица, затоа што угостителскиот објект на улица „Илинденска“ во Тетово, во кој тој бил управител, работел со гости по дозволеното време и не ги почитувал мерките за справување со корона вирусот.

Објектот бил затворен, додека Ф.И. бил задржан во Полициската станица Тетово и по целосно расчистување и документирање на случајот ќе му биде поднесена пријава по член 206 од Кривичниот законик, а поради сомнение дека сторил кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија – информира портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Во вторникот во Тетово беше приведен сопственик на локал во Тетово на 38-годишна возраст исто така поради прекршување на мерките за заштита од ширење на корона вирус.

Поради истите причини за прекршените протоколи за работа во време на епидемија во тетовско беа приведени сопственици на локали во Мала Речица на 2 декември и во Пирок на 10 декември.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.