Жестока и крвава тепачка се случила меѓу претседателот на СДСМ во Делчево и сопартиец, пренесе вчера „Нетпрес“, а според информациите на порталот во физичката пресметка нападнатиот добил тешки повреди на лицето и фрактура на носот.

Но, во изјава за „Република“, повредениот Д.П. не само што го негира случајот, туку вели и дека не е запознаен.

Не сум запознаен со случајот, немам коментар, ни рече тој.

Сепак, од СВР Штип потврдуваат дека има пријава за инцидентот, но не за тепачка, туку за нарушен јавен ред и мир.

Вчера во 18.20 часот во Полициската станица Делчево било пријавено дека во угостителски објект на ул.„Методија Митевски-Брицо“ во Делчево, од страна на Д.П.(25) од Делчево бил нарушен Јавниот ред и мир, кој во алкохолизирана состојба искршил неколку чаши и шишиња во објектот, по што започнал и вербална расправија со В.В.(33), сопственик на угостителскиот објект. Се работи на документирање на случајот по што ќе биде поднесена соодветна пријава, се вели во соопштението од полицијата.

Изворите за „Нетпрес“ велат дека голема е веројатноста заменик-командирот на ПС Делчево да ги презел работите во свои раце, трудејќи се по секоја цена да го забошоти настанот, барајќи од потчинетите полицајци да ги сменат белешките направени на местото на настанот. Неофицијалните информации велат дека не се преземаат мерки за обезбедување на напаѓачот, туку дека наводно се вршело притисок врз полицајците и повредениот, со цел да се прикрие нападот и да се забошоти случајот.

Затоа, побаравме изјава и од заменик-командирот на ПС Делчево, но таа исто така, не сакаше да дава никакви изјави за случајот и нè упати до портпаролот на МВР.

Дека случајот по секоја цена се турка под тепих, сомнежите ги потврди и докторката од Брза помош, која прва интервенирала врз претепаното момче и која прво не сакаше да даде изјава, а кога повторивме дека се јавуваме од порталот „Република“, панично ја спушти слушалката.

 

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.