Истрагата за авионската несреќа во која загина четиричлено семејство кај Солунска Глава и понатаму е во тек, а ДНК анализите на телата на починатите се завршени, потврдуваат за Алфа од Институтот за судска медицина.
Се очекува во текот на денот телата да бидат транспортирани во Бугарија и предадени на роднините на починатите.
На самото место направивме преку 400 професионални фотографии и видео снимки со професионален дрон што е многу важно за понатамошната истрага – појасни вчера на прес-конференција претседателот на Комитетот за истраги на воздухопловни несреќи и сериозни инциденти – КИВНСИ Зоран Илиевски.
Одговарајќи на новинарско прашање дали пилотот добил дозвола за слетување на скопскиот аеродром, Илиевски рече дека во неговото досегашно искуство, не сретнал некаде некој да побара дозвола за слетување поради некоја причина, а да не ја добил.
Претседателот на КИВНСИ појасни дека кога се работи за воздухоплов на генерална навигација, пилотите сами одлучуваат дали ќе летаат или не.
Претходно во службата на навигацијата на било кој аеродром пилотот го најавува својот лет, бара информации кои му се потребни како што се метео информациите, прави план и го најавувa – рече Илиевски и додаде дека пилотот сам си ја прави рутата, односно сам прави план на летање кој го доставува.
Инаку, Георги Бошнаков и неговото семејство загинаа при падот на авионот „цесна” П210Н на 80 километри од Скопје, на планината Јакупица во близина на врвот Солунска Глава. Бошнаков беше шеф на одделот за примена и одржување на информатичката технологија во Агенцијата за регистар. Во оваа авионска несреќа загинаа членовите на семејството Бошнакови: Георги Ангелов Бошнаков (1970), Гергана Бошнакова Георгиева (2005), Билјана Бошнакова Георгиева (2000) и Калина Корнајева Цонева (1972).
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.