Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција донесе наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице, македонски државјанин, судија на Управен суд.
Осомничениот, во периодот од 10.09.2018 година до 24.01.2019 година, ја злоупотребил својата службена положба и овластувањe и ги пречекорил границите на своето службено овластување преземајќи дејствија што не смеел да ги преземе, како и непреземајќи дејствија што бил должен да ги преземе, со што сторил кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 став 5 во врска со став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти Јавното обвинителство.
Осомниченото лице, како што е наведено во соопштението, претходно како адвокат преземал дејствија и ги застапувал интересите по барање за денационализација на две лица, на чиј правен претходник му бил определен и исплатен надомест за земјиштето што било предмет на барањето за денационализација. Во меѓувреме, осомничениот бил избран за судија на Управниот суд. Во септември 2018 година за предметот за денационализација по кој постапувал во својство на адвокат, до Управниот суд била поднесена тужба, а тој ја земал во работа.
Злоупотребувајќи ја својата положба и овластување, иако знаел дека како поранешен застапник – адвокат на тужителите не смее да постапува и е должен да се изземе од постапувањето по однос на тужбата, осомничениот не ја прекинал работата врз предметот и не го известил претседателот на Управниот суд. Постапувајќи по предметот, иако поднесената тужба била неуредна, не го повикал тужителот да ги отстрани недостатоците, ниту ја отфрлил, туку продолжил да постапува и притоа оневозможил Државното правобранителство на Р.С.М. како заинтересирано лице да се вклучи во управниот спор и да презема мерки и правни средства за правна заштита на имотните права и интереси на Р.С.М, велат од Јавното обвинителство.
Како претседател на совет, осомничениот, учествувал во донесување на пресуда со која спротивно на одредбите од „Законот за води“, „Законот за заштита на Охридското, Дојранското и Преспанското езеро“, „Законот за денационализација“ и „Законот за Управните Спорови“, недвижниот имот – градежно неизградено земјиште во Струга, било вратено во приватна сопственост на барателите.
Воедно за недвижен имот со површина од 171 м2 што претставува јавно добро – крајбрежен појас и што не смее да биде вратенo во приватна сопственост, определил надомест во износ од 119.700,00 денари во вид на обврзници за денационализација. Свесно и со намера да оневозможи заштита на имотните права и интереси на Р.С.М., примерок од пресудата, иако е задолжително заради право на жалба, не бил доставен до Државното правобранителство на Р.С.М. и со својот потпис, осомничениот, овозможил правосилност на пресудата. Со ваквите дејствија на барателите им било овозможено преку упис на вратената недвижност во јавните книги на недвижности во Агенцијата за катастар на недвижности, противправно да се стекнат со имотна корист – површина од 1958.49 м2 со усвоена пазарна вредност од 12.044.713,00 денари и противправна имотна корист во вид на обврзници во вредност од 119.700,00 денари, односно вкупна противправна имотна корист во износ од 12.164.413,00 денари на штета на имотот и интересите на Р.Македонија, се наведува во соопштението.
Ценејќи дека се исполнети условите, надлежниот јавен обвинител, до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1, доставил предлог за определување на мерка притвор за осомниченото лице.
Спорниот имот во моментов е обезбеден со Решение на Основниот суд во Струга со кое е изречена привремена мерка – забрана за отуѓување, велат од Јавното обвинителство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.