На 17 јануари 2020 ќе продолжи судењето за случајот „ТНТ“ за уривањето на комплексот Космос на инвеститорот Фијат Цановски.
Судот го оцени како неосновано барањето на Обвинителството за раздвојување на постапката против обвинетиот Тони Трајковски и членовите на Комисијата, по што го отфрли.
На денешното судење не присуствуваше Тони Трајковски бидејки е хоспитализиран на Клиника за неврохирургија.
Судијата Огнен Ставрев информираше дека добил поднесок од адвокат Јовица Страшевски дека Тони Трајковски може да дојде на судењето евентуално денеска по 15 часот или утре.
Поради тоа, обвинителот Бурим Рустеми побара раздвојување на постапката.
Во однос на новонастанатата ситуација сметам дека се исполнети услови за раздвојување на постапката за обвинетите Тони Трајковски и членовите на комисијата, со кои заедно ги сториле прекршувањата. Апсурдно би било да не се раздвои постапката и да се врати на почеток, кога истата се наоѓа во сосема крајна фаза и обвинетиот Миле Јанакиевски веќе има дадено исказ пред судот, рече Рустеми.
Адвокатот на Миле Јанакиески Еленко Миланов, рече дека раздвојувањето со правната формулација што ја има во моментот не може да биде направена за неговиот клиент.
Не може да има пресуда за поттикнување или помагање на дело без пресуда за сторителот, изјави Миланов.
Обвинетиот Јанакиески кажа дека ако само се бара неговата глава, нека се издвои постапката.
Целта на судењето е да се дознае вистината. Ако Тони Трајковски, кој е оска на сите случувања, се издвои нема да се дознае вистината, рече Јанакиески.
Случајот ТНТ го води судијата Огнен Ставрев, а застапник на обвинението е Бурим Рустеми од ОЈО Куманово.
Во судница беа присутни и оштетените Фијат Цановски и Ардијан Амзоски.
За ова делот покрај поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и ексградоначалникот на општина Гази Баба Тони Трајковски, во отсуство му се суди и на поранешниот премиер Никола Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.