Иако министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски тврди дека таблички има, во реалноста, во станиците за технички преглед таблички нема. Регистарски таблички нема никаде во државата веќе со месеци, што се должи на задоцнет одговор на МВР на обврската да распише тендер по истекот на договорот на фабриката која досега ги изработувала табличките.
Причина за доцнењето е што тендерот на МВР распишан лани во септември бил поништен, а постапката била повторена дури во април годинава.
„Регистарските таблички пристигнуваат во континуитет и граѓаните врз основа на потребите може да си бараат и да ги подигнуваат. Имавме проблем од аспект на јавните набавки, такви се законските прописи, но тој проблем е надминат и стигнуваат на дневна основа регистарски таблички“, изјави вчера Спасовски.
На крајот на април МВР информира дека пристигнале регистарските таблички по едномесечен застој во издавањето.
Тендерот за изработка на регистарски таблички го доби фирмата „Квантум ДООЕЛ“ од Скопје. Договорот е склучен за три месеци, а вредноста е 182.000 евра.
Компанијата „Раде Кончар – контактори и релеи“, која претходно го снабдуваше МВР со регистарски таблички вели дека постапката за набавка на регистaрски таблички трае повеќе од 9 месеци, а причината лежи во честите измени во тендерската документација кои што ги објавуваше Министерството за внатрешни работи како и пропустите при водење на постапката.
Имено, нашата понуда при првична евалуација беше отфрлена како неприфатлива, заради технички грешки во понудата, без да ни биде дадена можност да ги исправаме, додека на останатите понудувачи им беше дадена дополнителна можност да достават сертификати МКC EN ISO 9001:2015 и MKC EN ISO 1400:2015 коишто се бараа во тендерската документација, а коишто ги немаа доставено кон понудата, иако тоа е спротивно на Законот за јавните набавки.
Дополнително би истакнале дека економските оператори на коишто им беше овозможено да учествуваат на електронска аукција не располагаат со сертификат од Меѓународно акредитирана лабораторија, кој потврдува дека регистерската табличка е во целост усогласена со стандард МКС ISO 7591-2009 (моторни возила-ретрорефлектирачки таблици за моторни возила и приколки). Како единствен производител на регистерски таблички во земјата, со повеќе од 20 години искуство во оваа дејснот и учесник на меѓународни тендерски постапки за регистерски таблички и кој притоа поседува сертификат од меѓународно акредитирана лабараторија, бевме отфрлени уште во постапката на евалуација на понудите.
Тие поднеле жалба до Комисијата за жалби по јавни набавки, која ја увидела оваа околност и дала насоки на договорниот орган дека при вршење на повторна евалуација на понудите е потребно да изврши правилна евалуација, која ќе биде во согласност со барањата и условите наведени во тендерската документација.
Од наша страна вложена е повторно жалба до Државната комисија за жалби по јавни набавки и се надеваме дека истата ќе постапи во согласност со нашата пријава и ќе ги уочи сторените неправилности и ќе спречи настанување на ненадоместлива штета, односно испорака на неквалитетни регистарски таблици, меѓународно непризнаени, во крајна линија неиспорака на регистарските таблици и доведување во прашање на стекнатиот меѓународен углед на Република Македонија. Во моментов, доведено е во прашање и нормалното пуштање во сообраќај на моторни возила, нормалното функционирање на сообраќајот и функционирањето на многубројните дејности, велат од „Раде Кончар – Контактори и Релеи ДОО“ и додаваат дека и покрај недостатокот на регистарски таблички повеќе од пет месеци во земјата, не гледаат никаква реакција од надлежните институции и изненадени се од небрежноста на релевантните фактори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.