Луѓето за кои реагирате не соодветствуваат со вашиот првичен став дека сите се залагаме за борба против криминал и корупција. Акцијата е насочена кон конкретни лица што учествуваат во нелегални активности. Апсолутно, цел на која било акција не се граѓаните на Љуботен или на кое било друго населено место, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски одговарајќи му на Ејуп Аљими.

Пратеникот на ДУИ на собраниската седница праша зошто полицијата го вознемирила населението на скопски Љуботен со употреба на, како што рече, прекумерна сила и воени возила во акцијата во вторникот во која беа запленети околу 14 тони тутун „вирџинија” нелегално увезен во земјава.

Спасовски рече дека истрагата била водена подолго од Финансиската полиција, а самата акција спроведена со поддршка на МВР врз основа на наредба од Јавното обвинителство кое е надлежно за предметот. Во акцијата биле извршени претреси на 13 локации во Љуботен, Арачиново, Сингелиќ и во Визбегово, така што, рече Спасовски, акцијата не е насочена само кон граѓаните на Љуботен.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.