Гостивар утрово се разбуди обвиткан во чад и непријатна миризба нецели 12 часа откако се одржаа протести за загадувањето кое го предизвикува депонирањето отпад во месноста Русино. Причина е новиот пожар на регионалната депонија. Еко активисти кои ја следат состојбата, утрово алармираа преку социјалните мрежи со видео материјали направени околу пет часот.

Огнот се разгорел, а ветерот го насочил чадот кон градот и селата Симница и Церово.

Додека граѓаните на социјалните мрежи револтирано коментираат, мерните станици регистрираа неколкуратно зголемена загаденост на воздухот над дозволените вредности.

Дел од активистите и членовите на иницијативата „Стоп Русино, чист воздух за Гостивар“ оваа постапка ја доживуваат како порака од несовесните и сметаат дека палењето на депонијата е одмазда за протестот кој се организраше синоќа.

Граѓанската инцијатива доби поддршка од неколку стотини гостиварци кои со учество во дефилето со автомобили го истканаа проблемот со Русино.

Од пред година и пол поради проблемите со депонијата и преку странски фондации беше најдено решение да се формира заедничко претпријатие на девет општини. Депонирањето и собирањето на комуналниот смет влезе во проект што го финсира швајцарската агенција за развој. Од Полошкиот плански регион потврдија дека се доцни со постапката на формирање на претпријатието кое ќе управува со отпадот.

Градоначалникот Арбен Таравари му даде поддршка на протестот, но кажа дека барањето на протестирачите со кое депонијата ќе се затвори во скоро време не е можно. Тој повика на дебата за да се дефинираат наредните чекори.

Загрижувачка е состојбата. Секоја недела има пожар, загадување на воздухот, непријатна миризба. Повеќе од две години ние немаме никакви ингеренции врз депонијата. Дислокацијата ќе биде голем проблем, а во моментов се спроведува проект за управување со отпад и уредување на депонијата, изјави Таравари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.