Брат на богат сопственик на познат скопски хотел се нашол меѓу уценуваните граѓани снимени во мотелот „Вила уно“, дознава „Слободен печат“ од свои доброупатени извори. Скандалот, кој првично го откри емисијата „Код“, сѐ уште ја бранува јавноста со нови „пикантерии“. Во ексклузивно опремениот мотел што се наоѓа на Качанички Пат, покрај Скопје, цариници, судии, спортски функционери, полицајци и други видни личности биле нелегално снимани со мобилни телефони додека биле во собите на објектот со придружнички, по што „снимателите“ ги уценувале да уплатат илјадници евра во замена да не им бидат објавени снимките на Фејсбук. Парите требало да бидат уплатени во биткоини, а не во готовина, зашто сторителот не сакал да ризикува да биде откриен. Обвинителството и МВР уште го немаат пронајдено ниту снимателот ниту уценувачот.
Најновото издание на „Код“ објави дека еден од уценуваните граѓани исплатил 20 илјади евра во биткоини за да не му биде објавена снимката од дискретната средба. Според анонимен извор на емисијата, двајца од уценуваните скопјани се обиделе и да извршат самоубиство, бидејќи не можеле да прифатат дека приватноста им е нарушена.
Менаџментот на мотелот за „Слободен печат“ претходно изјави дека не знаат ниту кој снимал, ниту кога, ниту колку снимки се направени, ниту каде се снимките во моментов. Тие уверуваат дека соработуваат со полицијата за да ги заштитат своите гости што се на удар на уценувачот или на уценувачите.
Повеќе на „Слободен печат“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.