Во текот на изминатите четири недели, царинските службеници откриле два обиди за криумчарење дрога, едно возило со бункер и неколку обиди за криумчарење разна стока, при што се задржани косилка, хемиски препарати, облека, ташни, свежи морски плодови и козметички производи, информираат од Царинската управа.
Наркотички средства
Царинските службеници од граничниот премин Богородица спречиле обид за криумчарење разни наркотични средства. На 10.08. во вечерните часови, за влез во државата се пријавил германски автомобил, управуван од турски државјанин, со кој патувале уште двајца сопатници. При контрола на возилото, во ранец меѓу предмети за лична хигиена била пронајдена кеса со непозната прашкаста материја, додека при личен претрес на возачот, во џеб од неговата јакна била пронајдена пластична вакуум кеса со непозната тревкаста материја, а во пакет од влажни марамчиња била пронајдена бела прашкаста материја обвиткана со жолта кеса. По извршена проверка со тестери за дрога и мерење со дигитална вага било утврдено дека се работи за марихуана со маса од 24 грама, кокаин со маса од 0,5 грама и амфетамин со маса од 17 грама.
Дополнително бил извршен детален преглед на возилото со помош на полициско куче, но не биле откриени други неправилности.
Во вторникот на граничниот премин Свети Наум, за влез во државата се пријавил македонски државјанин, управувајќи патничко моторно возилo со македонски регистарски таблици. При вршење на преглед, во внатрешноста на возилото, царинскиот службеник пронашол непозната тврда супстанција, обвиткана со прозирен најлон. Поради сомневање за природата на супстанцијата царинскиот службеник повикал друг службеник со царинско куче кој во тој момент бил на граничниот премин и заеднички го продолжиле прегледот. Кучето изреагирало на супстанцата, по што е земен примерок од истата и е направено тестирање со соодветни реагенси кои покажале дека содржи амфетамини. Натамошните лабораториски испитувања покажале дека се работи за кокаин со голема чистота во количество од 144 грама. Лицето е лишено од слобода и против него е отпочната соодветна постапка.
Возила со бункери и косилка
Eден автомобил со бункер, 1 автобус со бункер и 1 роботска косилка, откриени биле три одвоени случаи од страна на мобилните царински тимови.
Во првиот случај, при контрола на автомобил со италијански таблички, управуван од албански државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Блаце, во багажниот простор под резервната гума бил откриен специјално подготвен бункер за криумчарење стока. Во вториот случај, при контрола на турски автобус кој сообраќал на релација Гостивар–Истанбул, управуван од турски државјанин, пријавен за излез од државата на граничниот премин Богородица, во пределот кај задното лево тркало бил откриен исто така празен специјално подготвен бункер за криумчарење стока.
Во двата случаи, согласно законските прописи, автомобилот и автобусот се привремено задржани, а против возачите се поднесени барања за поведување прекршочни постапки.
Во третиот случај, при контрола на швајцарски автомобил управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат, на задното седиште на возилото била пронајдена 1 роботска косилка. Непријавената косилка, е привремено задржана, а против возачот е поднесено барање за поведување прекршочна постапка.
Морски плодови
69 килограми свежи разладени морски плодови (октоподи, шкампи и лигњи), откриени при контрола на македонски автомобил управуван од македонски државјанин, пријавен за влез во државата на граничниот премин Богородица. Непријавените производи, пронајдени во 10 кутии од стиропор сместени во багажникот на возилото, се привремено задржани а против возачот ќе
биде поведена соодветна постапка.
Мигранти
Осум илегални мигранти биле откриени од страна на мобилните царински тимови, во македонски автомобил, во близина на клучката за село Костурник, на патниот правец Куманово – Табановце. На ден 30.08.2019 година, околу 2 часот по полноќ, бил забележан автомобил кој бил пренатоварен и се движел полека по автопатот од Куманово кон Табановце.
При обид да се стопира возилото, возачот и уште три лица излегле од возилото и побегнале во правец на Куманово, додека во автомобилот биле откриени 8 илегални мигранти. Според нивните изјави, двајца биле ирачки државјани, а другите биле пакистански државјани. Мигрантите се предадени на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошно постапување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.