Скопјанецот С.Д. (34), кого италијанската полиција го барала безмалку 10 години поради милионски измами, бил уапсен случајно пред една недела на аеродромот во Милано од каде требало да се качи на лет кон Скопје, јавува 24 Инфо. Тој веднаш бил спроведен во истражен затвор, откако судот во Милано му одреди притвор додека трае истрага за кривичните дела за кои се товари.

Според полицијата, првата измама скопјанецот ја извршил во 2010 година, откако стапил во контакт со златар од Германија. Измамникот купувал накит и нудел кеш, па Германецот стигнал на аеродромот „Малпенса“ во Милано за да му продаде осум дијаманти и ѓердан кои датираат од 1850 година. Златарот се согласил да ги продаде за 1.400.000 евра. Измамникот му ги покажал парите, спакувани во 70 пакетчиња од по 20.000 евра и му ги дал на Германецот по што си заминал. Набргу златарот сфатил дека парите се фалсифиувани, па го пријавил случајот во полиција.

Тоа не му претставувало проблем на скопјанецот, кој претходно ќарил 1,2 милион евра колку што била вредноста на накитот, па тргнал по нова жртва. По помалку од една година, измамникот ограбил уште еден Германец на кого му се претставил како бизнисмен, експерт за дијаманти заинтересиран за купување на луксузни вили во Франција, кои биле понудени на интернет. Германецот, агент за продажба, неколку пати се сретнал со скопјанецот, кој сега бил со изменет изглед, пак на аеродромот „Малпенса“ и по серија состаноци успеал да ја стекне неговата доверба.

За време на разговорите тој му се доверил на жртвата дека бил заинтересиран и за набавка на накит, нудејќи добар профит и плаќање во готово. Германецот наседнал па му дал семеен накит вреден 30.000 евра. Измамникот му дал 15.000 евра во готово како прва рата, но веќе никогаш не се виделе. Германецот сфатил дека банкнотите, кои биле во помали суми, се фалсификувани. Италијанската полиција почнала истрага и го идентификувала изманикот како С.Д.(25) од Македонија, но тој успел да исчезне.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.