Одделението за внатрешни работи од Дебар поднело кривична пријава против двајца жители на село Требиште, општина Маврово и Ростуше, поради непочитување на полицискиот час.

Поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“, ОВР Дебар поднесе кривична пријава против А.Ј.(28) и С.А.(29), двајцата од селото Требиште општина Маврово и Ростуше. Полициски службеници ги затекнале пријавените во патнички автомобил, сопственост на првопријавениот, без да поседуваат дозвола за движење, во полициски час – изјави портпаролот на Секторот за внатрешни работи од Охрид, Стефан Димоски.

Според него, контролата била извршена на 16 овој месец во 5 часот во близина на Дебар, кај месноста „Бошков Мост“, на патниот правец Дебар-Маврово, делница Дебар-Жировница.

На подрачјето на Дебар во изминатото деноноќие евидентирано е едно лице кое ја прекршило забраната за движење од 24 до 4 часот со цел спречување на ширењето на вирусот Ковид-19. Против него ќе биде поднесена соодветна пријава. Овој месец регистрирани се четири вакви прекршувања – додава Димоски.

Истовремено полициските службеници констатирале три прекршоци за задолжително носење на заштитна маска или вкупно 44 овој месец за што издадени се прекршочни платни налози.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.