Од таа 2018 година, од моментот кога исчезна моето дете Пино Секондо, јас немам живот. Да, жива сум, функционирам, но родителите кои изгубиле дете знаат каков е тој живот и како ми се кине душата со секој нов здив. Загубата на чедото те раскинува, ама раскинува и чекањето на некаква правда, ако може тоа така да се нарече-во телефонски разговор за ,,Фокус” појаснува Маја Трпковска, мајка на Пино, кој беше свирепо убиен кон крајот на 2018 година, а неговото тело беше случајно пронајдено во април 2019 година.
За убиството се гони Фуркан Али, кој е во бегство, а Ангела Ѓорѓиевска е осудена на 19-годишна затворска казна поради помагање во извршување на убиството и во моментов ја отслужува казната.
Мајката вели дека ништо не може да го врати назад нејзиното дете, а неправдата која им се случи никогаш нема да престане да им тежи. Прашува како може убиецот се уште да е на слобода, никој да не знае каде е, и вели дека нема да дозволи случајот да падне во заборав.
Мојот сопруг, таткото на Пино, си замина од овој свет, не дочека да го види убиецот на нашето дете зад решетки. Јас сум мајка на Пино, но тој му беше и татко и најдобар другар. Додека траеше потрагата, кога јас постојано излегував пред македонската јавност, мојот сопруг само еднаш даде интервју, и тоа за медиум од Италија.
Добро му беше познато како се функционира во Македонија, беше сведок на секојдневни нелогични настани кои во Македонија се вообичаени, а никаде во светот не можат да поминат туку – така, затоа и немаше доверба во никого, ниту во институции, ниту во закони. Поради тоа, тој молчеше во Македонија…
Загубата на синот, посебно на начин на кој се случи, сите не уби. Ми почина сопругот тивко, во мојата прегратка, се прегрнавме и тој ги затвори очите и не се разбуди, останувам сама да се борам за правдата и вистината да излезат на виделина.
Мајка сум, никогаш нема да се откажам од борбата. Убиецот си го живее неговиот живот, за сето ова време кое измина, тој е на слобода, сигурно веќе си има изградено нов живот, можеби ќе си формира и семејство, а Пино каде е? И зошто? Правда барам, одговори барам. За да започнеш нов живот во странство, потребни се пари, кој го финансира убиецот на син ми, додека тој си живее како ништо да не се случило? Уште колку време треба да помине, за да тој биде фатен и изведен пред лицето на правдата?, прашува Маја.
Целиот разговор на „Фокус“
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.