Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска соопшти дека акцијата во Грчец и во други делови во Скопје, која сѐ уште е во тек, е со цел сузбивање на трговија со дрога и додаде дека од понеделник ќе почне и финансиска истрага.

Имаме докази за недозволена трговија со дрога и други прекурсори, не сакавме пред акцијата да спроведеме финансиска истрага за да не ни ја пробијат целата акција, но од понеделник ќе почне и финансиска истрага – вели Русковска.

Таа вели дека обвинителите и истражителите во нејзиното обвинителство долго време го работат овој предмет и собираат докази.

Година време собиравме докази, имаше ПИ-мерки, слушање комуникации и следење. Приведени се 21 лице, тие се наоѓаат во повеќе полициски станици, а како што сум информирана, по одредени лица сѐ уште се трага – изјави Русковска, која се надева дека утре ќе излезат на прес-конференција и ќе соопштат повеќе детали.

Обвинителката посочи и дека засега нема осомничени полицајци што соработувале или биле дел од групата, но не ја исклучува таа можност. Како што вели, ќе се вршат вештачења на телефони и, ако се најде комуникација, сигурно со предметот ќе бидат опфатени и овластени службени лица.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.