Распишаната потерница по Сашо Мијалков не може да биде ефективна во меѓународни рамки затоа што Кривичниот совет, наместо за ефективен, донел поблага мерка куќен притвор за исчезнатиот. А, според законот, со куќен притвор, не може да се распишува интернационална потерница, со што на Мијалков му се даваат најмалку два дена комоција на границите каде и да се појави, на Балканот, во Европа или светот.

Основниот кривичен суд вчера, сепак одобри, распишување на меѓународна потерница по Мијалков на барање на МВР, но извори од судот за „сдк.мк“ велат дека Интерпол нема да ја спроведе така издадената потерница.

Обвинителството по информациите дека се подготвува обвинетиот за бегство веднаш до судот побарале мерка притвор. Сепак, на судиите им се видело преостра таа мерка, со оглед на тоа што полицијата постојано известувала дека има визуелен контакт со Мијалков, тука е, го следат, а и поради тоа што никогаш досега не ја напуштил државата откако му е одземен пасошот.

Одлуката за куќен притвор ја донесоа судиите од организиран криминал во Кривичниот суд: Огнен Ставрев, Илија Трпков и Васка Николовска-Масевска.

Во петок треба да биде изречена пресудата за масовното незаконско прислушување на стотици граѓани, каде првообвинет е токму Мијалков.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.