Генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски и министерот за здравство Венко Филипче вечерва пристигнаа во Лесковац, каде ги посетија македонските граѓани кои се сместени во локалната болница.
-За жал имаме три жртви и максимално водиме грижа бројката да не се зголеми, односно локалните власти излегоа во пресрет на целата оваа несреќа, бидејќи им помогнаа како на повредените, така и на ние кои минаа со помали повреди. Повредените се соодветно сместени во добри услови и им се пружа соодветна помош, а за оние кои поминаа со помали повреди веќе се обезбедува нивно враќање во Република Македонија, рече Рашковски и додаде дека некои од нив пројавиле желба да го продолжат патот кон Виена.
Во несреќата, еден маж и две жени – македонски државјани загинаа на лице место. Како што не информираа мажот е од крушевското село Бучим, а една од жените е од Кочани. Сите лица се идентификувани, а четворица лица по укажаната помош самоиницијативно се имаат вратено за Македонија.
Во болницата во Лесковац изутрината медицинските екипи од Лесковац и од Ниш префрлија 28 луѓе, додека четири во болницата во Ниш.
Според началникот на Хирургија во Лесковац Небојша Димитријевиќ, во моментов осум пациенти се згрижени во лесковачката болница, двајца со тешки повреди на главата и на ‘рбетниот столб се во болницата во Ниш, а 12 лица, од кои две деца по укажаната помош се сместени во хотелот Апостоловиќ и чекаат со обезбеден превоз да се вратат за Македонија.
Увидот на терен го изврши нишката и лесковачката полиција, но уште не е соопштено како дошло до несреќата.
Возачот и совозачот не се повредени, но кажано им е дека неможат да даваат изјави за медиумите.
Во Лесковац вчера врнеше дожд, а од полноќ непрекинато врне снег, па се претпоставува дека лизгавиот коловоз е можна причина за несреќата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.