Отсекот за економски криминал при Одделението за внатрешни работи Радовиш до Основно јавно обвинителство Радовиш поднесе кривична пријава против радовишанецот Т.Ј. (58) , заради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“, соопштија од СВР-Струмица.
На радовишанецот во периодот од 17 до 31 март со решение од Државен санитарен и здравствен инспекторат му било наложено здравствен надзор и домашна изолација поради тоа што во Радовиш остварил контакт со лице од Скопје дијагностицирано како заболено од Ковид-19.
Тој на 4 април околу 10:30 часот отишол на прослава по повод изградба на нова куќа во Радовиш и остварил средба со сопственикот на објектот, а околу 12:00 часот истиот ден се упатил во пункт за достава на брзи пратки во Радовиш, каде остварил контакт со вработената. Со ова пријавениот ги изложил на ризик лицата со кои ги остварил средбите, се додава во соопштението на СВР-Струмица.
Т.Ј. бил тестиран за присуство на вирусот во пунктот на Центарот за јавно здравје Штип на 31 март, а на 5 април добил известување дека кај него лабараториски е потврдено присуство на вирусот. До добивањето на резултатите, тој не ги почитувал насоките и препораките на Министерството за здравство и одлуките на Владата, иако му било укажано дека треба да остане во самоизолација до добивање на истите.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.