Полицијата ја расветли кражбата на пари за исплата на пензиите на пробиштипските пензионери, што се случи на 1 октомври. Портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова вели дека од слобода се лишени 19-годишниот А.Д. и 22-годишниот Д.А.

А.Д. е поштарот кој што тој ден имал задача да ги достави пензиите на пензионерите, а во неговата торба носел 360.821 денари.

Имено, на први октомври во Полициската станица Пробиштип, А.Д., вработен во АД „Пошта на Македонија“ – Пошта Пробиштип, лажно пријавил дека околу 08.40 часот во близина на „Аква парк“ во Пробиштип, непознат сторител физички го нападнал и му одзел 360.821 денари, наменети за исплата на пензии. По преземени мерки и судска наредба, на 3 октомври полициски службеници од СВР Штип извршиле претрес на три локации во Пробиштип, при што биле пронајдени парите, како и наркотична дрога амфетамин, вели Панајотова.

Во врска со лажната кражба, на службен разговор во Полициската станица Пробиштип бил повикан и Б.З. (26) од Пробиштип. Панајотова додава дека по целосно документирање на случајот, против лицата ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.