Работниците на „Тетекс јарн лимитед“ во Тетово, кои утринава одржаа јавен протест пред фабриката, информираат дека по нивниот протест и пријава до полицијата приведен е еден претставник на компанијата со седиште во Бугарија. Тие ја повикале полицијата сомневајќи се дека лицето сака да наштети на имотот што е останат во фабричките погони.
Ние повикавме полиција сомневајќи се дека дел од раководството од фирмата од Бугарија сака да ја земе произведената волница и машините и да ги продава. Приведен е Петар И. директорот на фирмата, сопственик на Тетекс Јарн, чие главно седиште е во Бугарија, инфомираат работниците.
Од СВР Тетово потврдија дека е приведен државјанин на Бугарија, но поради нелегален престој.
Полициски службеници на СВР Тетово во Тетово го лишиле од слобода П.И.(56) од Република Бугарија, кој непријавено престојувал на подрачјето и кому во јануари годинава му истекла важноста на неговата лична карта за странци. Бугарскиот државјанин задржан е во Полициската станица Тетово и во текот на денов ќе биде предаден на Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Тетово за натамошна постапка, информираат од СВР Тетово.
Дел од 160 работници во фабриката за производство на предиво и волница „Тетекс јарн лимитед“ утринава одржаа јавен протест барајќи им да се исплатат две заостанати плати. На нив и на новинарите не им беше дозволен влез во фабричкиот круг.
Ние ги бараме платите за февруари и март кои се уште не сме ги добиле. Воедно од раководството на Тетекс Јарн Лимитед на 3 март ни беа дадени договори на три месеци, но потоа не принудија да потпишеме нови кои се со важност само до март. Така од 1 април сме без работа и без двете плати. Од раководството ни рекоа дека нема да се работи поради вонредната ситуација. Сепак сметаме дека можат да не испалтат со продажба на машините и производенаа волница. Случајот е пријавен во трудова инпекција и другите надлежните министертства, истакна Анета Ѓорѓеска, претставничка на работниците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.