Основното јавно обвинителство – Гевгелија поведе постапка против едно лице за сторени три кривични дела и тоа „насилство“ од член 386 став 3 во врска со став 1, „телесна повреда“ од член 130 став 2 во врска со став 1 и „самовластие“ од член 392 став 2 во врска со точка 1 од Кривичниот законик.

Како што се наведува во соопштението на Јавното обвинителство, осомничениот на 5 декември околу 20.30 часот по вербална расправија физички нападнал две жени во нивниот дом во Гевгелија, во присуство на шестгодишното дете на едната од нив. Тој со удари со стаклена чаша им нанел физички повреди на двете оштетени, притоа кај нив предизвикувајќи чувство на несигурност, загрозување и страв.

По нападот, осомничениот одзел банкнота од 200 евра и мобилен телефон марка Ајфон X11, сметајќи дека прибавува право кое му припаѓа, по што се упатил кон излезот и почнал да бега по скалите во колективната станбена зграда каде го сретнал и третиот оштетен, па и него физички го нападнал.

Со оглед на тоа што на осомничениот за кој се води постапка за други кривични дела од судот му биле определени мерки на претпазливост и тоа забрана за напуштање на живеалиште, обврска да се јавува на овластено службено лице и привремено одземање на патна исправа, а кои осомничениот не ги почитувал, надлежниот јавен обвинител ценеше дека се исполнети законските основи за определување на мерката притвор, за што достави предлог до судот. Судијата на претходна постапка од Основниот суд Гевгелија го прифати предлогот на обвинителството и со решение на осомничениот му е изречена мерка притвор во траење од осум дена, се наведува во соопштението.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.