Основното јавно обвинителство Кочани донесе наредба за спроведување истражна постапка против три лица, од кои едно за продолжено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, додека за другите двајца за помагање при извршување на истото кривично дело.

По предлог на надлежниот јавен обвинител, соопштија денеска од Јавно обвинителство на Република Македонија, Основниот суд Кочани определил мерка притвор во траење од 30 дена за тројцата осомничени.​​

Првоосомничениот, во периодот од 10 до 23 февруари, се појаснува во сооптението, искористувајќи исти прилики, сторил повеќе временски поврзани дејствија кои претставуваат повеќекратно остварување на истото дело, организирал, нудел на продажба и продавал наркотична дрога марихуана.

Во повеќе наврати на лице со прикриен идентитет тој му нудел продажба на марихуана од објект на друштво за производство и промет на земјоделски производи во селото Уларци, кое се занимава со производство на канабис. На овој начин тој организирал нелегална продажба на речиси седум килограми марихуана од објектот – се наведува во соопштението на Обвинителството.

Оттаму додаваат дека второ и третоосомничениотт му помагале на првоосомничениот, така што му овозможувале на лицето со прикриен идентитет да влезе во објектот и да ја преземе дрогата.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.