Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против две лица за кои постои основано сомнение дека извршиле кривично дело – Разбојништво од член 237 став 4 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Еден од осомничените го сторил делото како соизвршител, додека второто осомничено лице помогнало во вршењето на кривичното дело.
Осомничениот 22-годишен скопјанец, на 20 јули 2019 година, околу 22.00 часот, заедно со едно засега непознато лице – негов соизвршител, со употреба на опасно орудие пиштол се заканиле на двајца вработени во казиното „Адмирал“ лоцирано на улица „12 Македонска Бригада“. Притоа тие, маскирани со фантомки, влегле од задната врата на казиното и одзеле парични средства во вкупен износ од 126.161,00 денари. Во исто време, второосомничениот, 19-годишен скопјанец ги чекал двајцата сторители во возилото марка „Ауди А5“ кое го ставил на располагање за обезбедување превоз, со што помогнал во вршењето на кривичното дело. Откако осомничените излегле од казиното, биле пресретнати од овластени службени лица по што се дале во бегство.
Јавниот обвинител кој постапува во предметот ценеше дека за едно од осомничените лица се исполнети законските основи за обезбедување на непречено водење на кривичната постапка, па до судија на претходна постапка во Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерката притвор. Предлогот на обвинителството беше прифатен од судот, по што на осомничениот му е определен притвор со траење од 30 дена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.