Основното јавно обвинителство Прилеп донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице од Скопје, на возраст од 31 година, кое е осомничено за недозволена трговија со над 45 килограми марихуана помешана со тутун.

Лицето се товари за кривично дело – „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

– Осомничениот, на 20 октомври, на патот Прилеп-Градско, неовластено пренесувал 45,085 килограми наркотична дрога марихуана помешана со тутун наменета за понатамошна продажба. Дрогата ја набавил во Струга и ја ставил во патни торби, па едната од нив ја ставил на задното седиште, а другите две во багажникот на автомобил Пежо 306. Движејќи се во правец кон Градско со возилото, во близина на бензинска пумпа на излезот од Прилеп, осомничениот бил сопрен и контролиран од страна на полициски службеници. При прегледот на возилото, полициските службеници ги пронашле патните торби со дрога и ги одзеле, се вели во соопштението од ОЈО.

Од ОЈО информираат дека надлежниот јавен обвинител поднел предлог за определување на мерка притвор до судија на претходна постапка при Основниот суд во Прилеп затоа што во конкретниот случај постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство и можност осомничениот да го повтори делото или да се обиде да ги прикрие доказите, што судијата на претходна постапка го прифатил и со решение на осомничениот му определи мерка притвор во траење од 30 дена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.