Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице, осомничено дека сторило кривични дела – Предизвикување општа опасност од член 288 став 3 во врска со став 1, како и Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи од член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот на 14 август, во скопското село Бојане, во близина на селскиот бунар каде биле собрани повеќе луѓе, најпрво започнал вербална и физичка расправија со едно лице. По ова, со полуавтоматски пиштол „Застава М57“ со калибар од 7,62Х25мм, кој го поседувал без дозвола, испукал неколку проектили кон продавницата пред која седеле неговите соселани.

Веднаш потоа, влегол во својот дом од каде излегол со автоматска пушка „Застава М70Б1“ со калибар 7,62Х39мм, кое оружје им е забрането на граѓаните. Во дворот тој испукал неколку проектили во воздух. Селаните го пријавиле во полиција, по што лицето било приведено, а оружјето му било одземено.

Ценејќи дека се исполнети законските основи, односно дека постои опасност лицето да се даде во бегство, да го повтори кривичното дело или да ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоците, надлежниот јавен обвинител до Основниот кривичен суд Скопје достави Предлог за определување мерка притвор. Судијата на претходна постапка го прифати ваквиот предлог и на лицето му определи притвор во траење од 30 дена.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.