Надворешната канцеларија за криминалистички работи Прилеп до Основното јавно обвинителство Прилеп, поднесе кривична пријава против Г.Д. (47) од Прилеп поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка кражба“, казниво по член 236 од Кривичниот законик на Република Македонија.

Во периодот од неделата до вчера, пријавениот со употреба на сила влегол во продавница за мобилни телефони на улица „Јане Сандански“ во Прилеп и одзел кутија со мобилни телефони, како и друга галантерија за мобилни телефони, по што побегнал.

По пријавување на настанот, полициски службеници презеле мерки за расчистување на случајот. Вчера бил извршен претрес во домот и други простории кај пријавениот, при што биле пронајдени украдените предмети со вкупна вредност од 396.350 денари.

Исто така, покрај предметите од ова кривично дело, при претресот бил пронајден лап топ, кој бил пријавен за украден на 05.01.2019 година. Пријавениот, кражбата ја извршил во продажен салон на улица „Кеј 1 Мај“ во Прилеп во периодот од 04-05.01.2019 година.

Сите украдени предмети се вратени на сопствениците.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.