Советот за оценка на обвинителен акт го прифати во целост обвинителниот акт во јавноста познат како „Шпански скали“ против 11 лица, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.
Советот за оценка на обвинителен акт кој постапува по обвинителениот акт на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во јавноста познат како „Шпански скали“ против 11 лица, по одржана седница на Советот како и ценење на фактите и доказите приложени во обвинението, донесе решение со кое обвинителниот акт се прифаќа во целост, информираат од Основниот кривичен суд Скопје.
По оценетиот обвинителен акт формиран е кривично – правен предмет со КОК 30/20 кој согласно АКМИС системот ќе биде распределен на судија од Одделениот за организиран криминал и корупција за понатамошно постапување.
Обвинителниот акт ОЈО го достави на 13 декември 2019 година против 11 лица кои се обвинети дека сториле кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, а едно од лицата е обвинето за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“.
Според ОЈО, во временскиот период од 21.12.2010 година до 08.08.2018 година, првоообвинетиот заедно со петмина административни службеници, со неизвршување на своите службени должности, постапиле спротивно на одредбите од Законот за изменување и дополнување на Законот за градежно земјиште и не иницирале постапка за раскинување на Договорите за оттуѓување на градежно земјиште и враќање на градежното земјиште во сопственост на РМ, ниту наплатиле договорна казна со што овозможиле купувачите да се стекнат со противправна имотна корист.
Во предметот се обвинети и две службени лица кои вршат работи од јавен интерес и кои со неизвршување на својата службена должност, постапиле спротивно на Договорот за оттуѓување и Законот за нотаријат, едно лице, сопственик на правно лице, кое како соизвршител со особен придонес учествувало во извршување на делото доставувајќи вешти наоди и мислења изготвени по негово барање со прикажана состојба на земјиштето спротивно од констатираното од страна на Општина Центар, едно лице кое во својство на службено лице неводејќи сметка за имотните права и интереси на државата и неизвршувајќи ја својата службена должност, постапило спротивно на одредбите од Законот за државното правобранителство, како и едно службено лице кое со пропуштање на должен надзор – без да утврди дека во приватната исправа – Договорот за оттуѓување на градежно земјиште било предвидено прибележување на реален товар над земјиштето во корист на оттуѓувачот, несовесно постапило во вршењето на своите овластувања и не ги почитувало одредбите од Законот за катастар на недвижностите, по кои било должно да постапува.
Со своите дејствија, според Обвинителството, обвинетите предизвикале штета на Буџетот во вкупен износ од 163.513.868 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.